Продолжува расчистувањето на снегот во градот, а со особено внимание се посветува на оспособување на паркинг и пристап до ски центарот во пресрет на викендот.
Од аспект на оспособување на паркинг простор во текот на денот ќе се работи на игралиштето „Плоч“, веднаш до хотел Монтана Палас, потоа кон детското одморалиште „Бегова Корија“ и чешмата АРМ кои водат до ски терените, а каде што на неколку попатни локации се оспособува простор за паркинг на автомобилите на посетителите на Станич.
„Комуна“ ќе го оспосбува и алтернативниот пат кон ски центарот кој води од регионалниот пат Крушево – Демир Хисар, преку месноста „Гума“, покрај црквата Св. Петка, па се до жичарницата. Исто така, ќе биде оспособен патот до полетувалиштето на Мечкин Камен.
„Комуна“ го оспособува градот за престојниот викенд. Градот забележува одлична туристичка сезона и затоа нашата работа има и зголемен обем. Во овој дел не спаѓа само чистење на снегот и посолување, туку и подготовка од аспект на водоснабдување заради зголемени потреби кои се очекуваат овој викенд.“, изјави ВД директорката на ЈП „Комуна“ Крушево Станка Ефремова Трајкоска.
Синоќа службите на претпријатието продолжија со работа со ровокопачот и тракторот со плуг за снег, но и се посолуваше.