Ставен во употреба новиот камион за отпад кој општина Крушево го набави преку Пелагониско планскиот регион. Подновувањето и модернизацијата значат помали трошоци, а поефикасна работа.
„Возниот парк и механизацијата на ЈП „Комуна“ се модернизира континуирано. Вложувањето во овој дел од нашата работа значи дека работењето на претпријатието станува поекономично, модернизирано и ефикасно од аспект на исполнување на обврските кон граѓаните.“, изјави ВД директорката на ЈП „Комуна“ Крушево Станка Ефремова Трајкоска.
Камионот за отпад е набавен во рамки на проектот „Подобрување на системот за заштита на животната средина во Пелагонискиот регион преку јакнење на институционалните капацитети за комунални услуги и заштита и безбедност на граѓаните, нивните материјални добра и природното и културното богатство“ на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Министерство за локална самоуправа. Вкупната сума на набавката со вклучен ДДВ изнесува 4.287.317,00 денари.